Евангелска Вистина

„Младиот оган“ кој ја запали цела Бугарија со љубовта Божја преку Христос

Денес, она што најчесто ги интересира младите е добра забава, ноќен живот и фокус кон бесцелни нешта, но тоа не е случај со ова 21 годишно момче од Бугарија. Него Бог го повика да биде гласот кој ја носи промената во општеството, не само во Бугарија, туку и во светот.

Атанас Пелтеков е роден во Пловдив, во семејство на пастори во Апостолска Црква во Бугарија. Тој е младо момче со срце  целосно предадено на Господ Исус Христос, служејќи Му огнено и силно, воден од Светиот Дух.

Пред повеќе од 2 години, Атанас го започнува уникатното христијанско движење за млади под името „Млад Оган“, чија што главна цел е секоја душа да биде привлечена кон Христос преку пораката на Благодатта. Од улица до улица, од град до град, Атанас јавно и со голема посветеност ја шири Радосната Вест за Христос, а Бог го потврдува тоа служење со знаци и чуда на исцелување од разни болести на стотици луѓе ширум Бугарија.

Но, тука не завршува приказната за ова исклучително момче, туку напротив, штотуку започнува…

Самиот Атанас во едно свое обраќање вели: „Јас си мислев дека мојот повик е да бидам евангелизатор, бидејќи постојано одев по улиците и им сведочев на луѓето за Христос, се молев за нив и гледав како тие беа исцелени, но Бог вели дека сум нешто друго“.

Имено, пред неколку години, додека бил во Америка во училиште за обука на христијани, дошол еден предавач кој кажал дека ќе се моли за да се активира дарот на пророкување кај нив и да можат јасно да го слушаат Божјиот Глас.

Но, интересното е во тоа што истиот тој предавач рекол: „Господ ми кажа дека денеска еден од вас ќе прими пророчки дар на нов начин и тој дар ќе работи низ него на начин кој досега не е виден на овие простори“.

И веднаш ги поттикнал да започнат со пророкување еден за друг. Атанас се свртел кон друго момче и започнал да му зборува како изгледа неговиот дедо и каква е неговата куќа во Мексико, иако претходно не знаел ништо за нив. Момчето останало вчудоневидено, а Атанас во тој момент сфатил дека Бог го повикал за нешто за кое ни самиот не бил свесен.

После оваа случка која целосно му го менува животот, Атанас започнува со голема жед да ги проучува пророците од Стариот Завет, но и самата служба на Господ Исус Христос. Така почнува силното пророчко служење под називот „Пророчка соба“,преку кое и ден денес се обучуваат луѓето во Бугарија и пошироко како да растат во пророчкото служење и правилно да оперираат со овој дар за слава на Бога.

Резултатите од ова исклучително служење за Бога се видливи и денес: илјадници променети животи и силни сведоштва за тоа како огнено работи пророчкото слово преку Атанас кое ги трансформира животите на луѓето, приближувајќи ги кон Господ Исус Христос.

Ова младо момче е доказ за целосна предаденост кон Бога, оставајќи ни пример дека без разлика на возраста можеш да бидеш силно употребен за Божја слава, доколку го сакаш и го чувствуваш тоа како твој повик.

Јулијана Спироска

Можеби ќе ви се допадне

Евангелска Вистина

Киднапирана, но непокорена – приказната за Мис Стоун и нејзината пожртвуваност во ширењето на Радосната Вест

  • 24.03.2026
Бог никогаш не ги заборава своите, дури и во оние тешки моменти кога луѓето мислат дека Бог заборавил на нив,
Евангелска Вистина

Беше современ револуционер и пратеник од Бога кој го покажа излезот од секоја криза за Македонија

  • 25.03.2026
Можеби навидум обичен човек и класичен тип на претседател на држава, но дефинитивно беше личност која се издвојуваше од сите