Приказната за Ное и потопот е една од најпознатите Библиски приказни. Но таа исто така се споменува и во неколку други древни текстови. Според описот во Светото Писмо, Ноевата арка била долга 137 метри, широка 23 метри и висока 14 метри. Таа била изградена од гоферово дрво, премачкано со смола, имала една странична врата и внатре имала три ката, долен, среден и горен. Во арката влегле вкупно 8 луѓе, Ное со неговата жена, неговите три сина и нивните три жени. Приказната продолжува објаснувајќи за животните и за дождот кој непрестајно паѓал. А потоа, Библијата кажува дека арката застанала на планината Арарат:
„а во седмиот месец, во седумнаесеттиот ден на месецот, бродот застана на горите на Арарат“ – Битие 8:4
Во изминатите декади повеќе истражувачки експедиции истражуваа во поднебјето на планината Арарат, во денешна Турција, обидувајќи се да ја потврдат вистинитоста на приказната за Ное преку наоѓање на остатоците од неговата арка. Во планините на источна Турција, во близина на планината Арарат, се наоѓа мистериозна формација во облик на чамец позната како локалитетот Дурупинар. Првпат идентификувана во 1959 година од капетанот Илхан Дурупинар, оваа структура совршено се совпаѓа со библискиот опис на Ноевата арка што се наоѓа во Битие 6 глава.

Од 1970-тите до 1990-тите, истражувачите и турските научници – вклучувајќи го и Рон Вајат – го привлекоа светското внимание со истражување на оваа единствена формација. Подоцнежните ERT и GPR скенирања во 2014, 2019 и 2021 година открија необични линеарни подповршински структури и прави агли и слоеви, за разлика од типичните природни карпести набори.
Потоа, во 2023 година, податоците од GPR од 2019 година беа повторно анализирани и американските истражувачи открија ходници и комори слични на простории што се протегаат по целата должина на формацијата – во согласност со голем, интелигентно дизајниран брод.
Турските тестови на почвата во 2024 година, исто така, покажаа дека примероците во структурата содржеле речиси три пати повеќе органски материјал од оние однадвор, што укажува на остатоци од антички биолошки структури или супстанции направени од човек.
Од 2019 година, заеднички научен тим применува GPR, ERT, LiDAR и хемиска анализа за да утврди дали формацијата Дурупинар е природно геолошко наборување – или закопан распаднат дрвен брод зачуван во планините на Арарат.


Покрај тоа што должината и просечната вкупна ширина на структурата се точно исти како што е пропишано во Библијата, закопаната структура исто така ги прикажува истите девет поделби опишани во Епот за Гилгамеш кој се однесува на случката со потопот. Дополнително, истражувањата со детектори на метал пронајдоа над 5.000 закопани железни мети наредени во симетричен образец од зашилениот крај до заоблениот крај на структурата.
Скептиците сметаат дека наводната Арка кај Арарат во Турција е сосема природна карпеста формација. Дека необичната структура во облик на брод е тоа што толку многу го привлекла вниманието на истражувачите. Тие сметаат дека она што всушност личи на кора од гоферово дрво всушност претставува метаморфозиран перидотит со набори на брчки.
Од друга страна истражувачите изјавија дека хемискиот состав укажува на докази за распаѓање на дрво. „Ако ја познавате науката за почвата – бидејќи јас сум научник за почвата – ќе разберете дека нивоата на калиум, органската материја и pH вредноста можат да бидат под влијание на распаѓањето на органскиот материјал“, рече Вилијам Крабтри.

Друг член на Noah’s Ark Scans изјави: – „Ако оваа формација е дрвен брод и дрвото скапувало со текот на времето, би очекувале да видиме покачени нивоа на калиум, промени во pH вредноста и поголема содржина на органска материја – и токму тоа го наоѓаме.“ Фосилите од корали и школки ископани во близина на локацијата, кое се наоѓа на околу 2000 метри надморска височина, потенцијално би можеле да обезбедат докази за библискиот потоп.
Иако истражувањата продолжуваат, за христијаните приказната за Ное и потопот останува потсетник за расипаноста на човештвото во древниот свет, но и за Божјата милост и Божјото ветување, како и за тоа дека човекот кој чекори во праведноста Божја и ги следи Божјите насоки останува заштитен без разлика на бурите и неволјите кои доаѓаат во животот.
Извор: NoahsArkScans | Sky News | Csun
Подготвил: Кристина Димитриевска

