Беше сосема обично девојче. Барем така им изгледаше на сите што ја познаваа. Се смееше, трчаше, растеше како и сите деца. Денови исполнети со радосни и безгрижни моменти.
Но уште во најраните години во неа постоеше нешто што не знаеше како да си го објасни.
Се присетуваше на тоа чувство кое поттикнуваше прашања без одговор, барање по нешто што не умееше да го дефинира. Куклите ги имаше заменето со коли и мотори, фустаните со дуксер и тренерки, а омилена игра ѝ беше фудбал со момчињата пред зграда.
„Нора, ти си нашето палаво момче“ ја задеваа блиските и се смееја за тоа, иако можеби никој не се ни надеваше дека еден ден, токму тие зборови, ќе ѝ одѕвонуваат и толку многу ќе ја измачуваат.

Минуваа годините, а некаде длабоко во неа водеше некаква борба, која што не можеше да си ја објасни. Како да не припаѓаше на себе си. Не знаеше кому да се обрати, зашто се плашеше дека нејзините зборови ќе бидат погрешно сфатени и наместо разбирање, ќе наиде на осуда. А понекогаш човек не се чувствува најосамено кога нема никој околу себе, туку тогаш кога во срцето има толку многу работи, а нема со кого искрено да ги сподели.
Па одговорите за тоа што толку многу ја мачеше, ги бараше на други места. Почна да истражува на интернет, читаше статии, слушаше сведоштва од луѓе за своите животни приказни, кои ја потсетуваа на нејзината и додека го бараше одговорот, се повеќе се затвараше во себе.
После средно, се запиша на факултет, во друг град, во нова средина, нови луѓе и како што си замислуваше, тоа беше можност да започне и ново поглавје во животот.
На колегите од факултетот, уште од првиот ден им се претстави со новото име, а на тие неколкумина што ги знаеше, им кажа дека не е веќе Нора. Од сега беше – Ноа.
Иако луѓето околу неа ја ословуваа со новото име, сепак некој внатрешен глас, сè уште не замолкнуваше во неа. Се трудеше да го пронајде својот идентитет! Се трудеше и толку многу копнееше, да биде прифатена и разбрана.
Една приквечерина, додека седеше сама на клупата во паркот, изгубена во своите мисли, не ја ни примети жената која седна до неа.
,,Знаеш… некогаш човек може цел живот да се обидува да избега од нешто, а сепак на крај повторно да се соочи со себе си”, неочекувано жената го започна разговорот, а зборовите како да ја пресекоа Нора.

Во првиот момент не одговори ништо, само ја погледна, како да се обидуваше да сфати дали таа навистина нејзе ѝ зборува или случајно ги кажува тие зборови. Но почувствува дека во нив имаше нешто необично. Не звучеа како совет, ниту како осуда, туку повеќе личеа на зборови кои самата некогаш ги искусила. По кратката пауза, Нора собра храброст и тивко призна дека со години се чувствува така – изгубено, трагајќи по нешто што ќе ја исполни и ќе ѝ даде мир, но попусто. И колку повеќе се трудеше да го среди својот живот, толку повеќе имаше чувство дека нешто многу важно ѝ недостига.
Жената ја слушаше внимателно и кога Нора заврши, таа благо ѝ се насмевна и почна да ѝ раскажува за Оној Кој целосно го промени нејзиниот живот. Раскажа како и таа долго време талкала, долго време верувала дека некој или нешто ќе ѝ ја исполни празнината што ја носела во себе, но секој нов почеток завршувал со исто чувство на немир. Но, сè се променило дури од како го запознала Исус. Тогаш сфатила дека најдлабоката потреба на човекот не е да стане некој друг, туку секој човек својата вистинска вредност може да ја пронајде единствено само во Христос.
Нора слушаше, а со секој збор како да паѓаше по еден камен од товарот што со години го носеше во своето срце. За прв пат слушна дека постои Некој Кој толку многу ја сака, што си го даде Својот живот за неа, Некој Кој ја познавал уште пред да се роди, Кој секоја нејзина солза ја знае, секоја воздишка ја слуша и секое прашање што никогаш не се осмелила ни да го изговори, Тој го знае. И што е најважно, тоа е Некој Кој никогаш нема да ја отфрли, ниту осуди, туку ја чека да Го повика во својот живот. Само Неговата совршена љубов може да ја исцели и најдлабоката рана, и да ја пополни и најголемата празнина.
Во тој момент, свати дека цело време се обидувала да го промени својот живот однадвор, за да биде прифатена и да им се допадне на другите, но Бог сакал најнапред да го исцели и преобрази нејзиното срце.
Беше допрена од Божјата љубов!
И таму, на таа клупа во паркот, Нора го направи најдобриот избор, во молитва го предаде својот живот на Исус, Тој да царува во неа, Тој да владее со нејзиното срце и Тој да управува со нејзиниот живот! И тоа всушност не беше крај, туку нов почеток на нејзината приказна. Почеток со нејзиниот нов идентитет, како Божјо дете.
Жената која беше член во Црквата Блага Вест, ја покани на Богослужба и од тој ден, тие редовно одеа заедно во црква. Нора почна да чита Библија, да се моли и сè подлабоко да го запознава Христос.
Она што со години Нора го бараше во светот, го најде во Христос! А во Црквата Блага Вест, нејзината приказна доби ново поглавје и место каде продолжи да расте во верата, љубовта и познанието на Христос.
Вера М.

