Евангелска Вистина

Мислеше дека животот нема смисла, а денес е сведоштво што ја буди верата во луѓето

Светски познатиот мотивациски говорник, Ник Вујичиќ е Австралиско- Американски христијански евангелист со српско потекло, кој постигнал многу повеќе од многу луѓе што постигнале во целиот свој живот. Иако роден со сериозен физички недостаток, неговото семејство, пријатели и други луѓе го инспирирале да продолжи, а победата во неговите борби, неговата сила и страст за животот денес, ги припишува на неговата вера во Бога.

Ник Вујичиќ (Nicholas James Vujicic) е роден во 1982 година во Мелбурн, Австралија со т.н. тетра амелија синдром, без раце и нозе, и покрај тоа што неговата мајка немала никакви компликации во бременоста, а докторите и покрај редовните медицински контроли немале никакво објаснување за тоа.

Семејството Вујичиќ се справувало со предизвикот и со благословот да одгледува син кој одбивал неговата физичка состојба да го ограничи во неговиот начин на живеење.

Детството на Ник било тешко, се справувал со предизвици во училиштето, се борел со осаменост, се прашувал зошто е различен од другите деца, каква е целта на животот и дали воопшто ја има. Како резултат на голема депресија, кога имал 13 години се обидел да си го одземе животот.

На 14 годишна возраст, со неговите родители се преселил во Калифорнија и кога имал 15 години го нашол Господ, неговиот Спасител.

Кога имал 17 години почнал да зборува за својата судбина пред мали групи луѓе, а две години потоа говорел и пред 300 слушатели. 

Почнал да патува низ целиот свет и да ја споделува својата приказна со многу луѓе, држел мотивациски говори во 43 земји, разговарал со над 4.5 милиони луѓе. Неговите книги станале бестселери, а видеата на интернет достигнале милионска гледаност.  

Негова публика биле средношколци, студенти, наставници, политичари, бизнисмени, луѓе со инвалидитет, родители, деца, млади, затвореници, црковни здруженија. 

Во 2005 година во Јужна Калифорнија ја основал NickV Ministries (NVM), меѓународна непрофитна служба чија цел е да го споделува Евангелието во светот и да го обединува телото Христово преку животот и сведоштвото на Ник Вујичиќ. 

Преку службата на NickV Ministries, каде Ник е претседател и извршен директор, од 2005 година досега, повеќе од милион луѓе донеле одлука да поверуваат во Исус Христос.

NickV Ministries има цел до 2028 година да го сподели Евангелието со милијарда луѓе, преку четири форми на служење: настани за информирање во живо, служење во затвори, служење на студенти, молитви и охрабрување.

Ник Вујичиќ денес е успешен човек со силна желба да инспирира луѓе преку мотивациски говори во светот. Има сопруга и четири прекрасни деца, Тој е автор, музичар, актер, се занимава со риболов, сликање, пливање, сурфање, скокање со падобран.

Еден од најважните совети кои овој исклучителен човек ги дава е: „Никогаш не се предавајте! Сѐ што ви треба е вера во себе и вера во Бога!“ 

Бог преку Ник Вујичиќ ја пренесува пораката на луѓето дека секој е совршен на свој начин и дека за секого има замисла и цел во животот. 

Софија Кузмановска

Можеби ќе ви се допадне

Евангелска Вистина

Киднапирана, но непокорена – приказната за Мис Стоун и нејзината пожртвуваност во ширењето на Радосната Вест

  • 24.03.2026
Бог никогаш не ги заборава своите, дури и во оние тешки моменти кога луѓето мислат дека Бог заборавил на нив,
Евангелска Вистина

Беше современ револуционер и пратеник од Бога кој го покажа излезот од секоја криза за Македонија

  • 25.03.2026
Можеби навидум обичен човек и класичен тип на претседател на држава, но дефинитивно беше личност која се издвојуваше од сите