Уште како дете, се почувствував како да паднав во еден длабок бунар. Се соочив со огромни стравови, гушење и тежина, што на крајот резултираше со тешка депресија. Секој миг тонев сè подлабоко во мрак и мака. Не гледав излез од никаде и паднав во голем очај. Најтешко ми беше тоа што, како дете, не знаев што точно ми се случува. Поради стравот чувствував како да имам голема грутка на срцето и како нешто силно да ми ја стега душата.
Сето тоа се одрази и на мојот говор. За жал, многу често едвај ги изговарав зборовите, ги „влечев“, што ми паѓаше уште потешко. Секогаш кога сакав да кажам нешто, јас молчев и ја наведував главата. И на училиште беше исто – дури и кога имав сè научено, не можев тоа да го кажам. Како што минуваше времето, маката стануваше сè поголема, додека не допрев дно во тешка депресија. Со зборови не можам да опишам како се чувствував; како некоја нечиста сила да ме измачуваше секој ден и секоја ноќ, наведувајќи ме да се мразам, да се лутам, да се гневам и да кревам рака на самиот себе.
Бев само дете и немав сила да се спротивставам на тоа зло што ме напаѓаше. Моето здравје и мојот живот беа под постојана опасност, бидејќи не знаев со каков ужас ќе се соочам следниот миг. Таа агонија траеше цели дваесет години, кои ги поминав затворен дома, во четири ѕида. Од прозорецот ги гледав децата како со ранци одат на училиште или како си играат на улицата. Имав огромна желба да им се придружам, но тежината ме спречуваше. Тоа ропство ми зеде сè и ме премори. Во еден момент се откажав од секаква надеж и од самиот себе; секој ден се молев на Бога само да ме земе и да заврши тоа измачување.
Пресвртот се случи кога сестра ми Маре дозна за пасторот Константин Кајшаров од Скопје и ме однесе на молитвена терапија. Додека пасторот се молеше за мене, во еден миг почнав да плачам, да кашлам и да плукам, а потоа почувствував огромно олеснување — како голем товар да ми падна од плеќите. Со цело срце пристапив кон водно покајничко крштевање и Го примив Исус Христос во моето срце како свој Господ и Спасител. По милоста на Господ, преку делото на пастор Константин Кајшаров и Христијанската црква „Блага вест“, примив целосно исцеление во духот, душата и телото.
Тука научив што е жива вера и живо христијанство. Ја почувствував љубовта на Господ Исус Христос – јас, кој дваесет години верував дека ништо не вредам и дека сум само товар за себе и за другите. Господ не само што ме подигна од дното и ме исцели, туку ми даде и глас за да сведочам. Ме благослови со талент за пишување, па така мојата поезија денес е плод на живите сведоштва од мојот живот. Не станав поет поради титули или награди, туку за да ја пренесам пораката: сфатив дека можам без сè и без секого, но без „живата вода“ – љубовта на Исус Христос – не се живее. Таа љубов најсилно се чувствува кога си дел од жива Христова заедница каде што се проповеда изворното Библиско слово.
Слава Му на Господ Исус Христос што ме благослови да го имам Константин Кајшаров за свој пастор, духовен родител и учител, и што сум дел од големото духовно семејство на Христијанската црква „Блага вест“ во Македонија.
Александар Анастасовски

