Таа штотуку ги наполни своите 18, а тој на своите 52 имаше изграден живот, успешен бизнис и прекрасно семејство. Тој викенд беше излезен со другарите на пијачка, а таа седеше сама на шанкот, со поглед што скенираше сè околу себе. И во таа толпа на луѓе, помеѓу загушените светла и гласната музика, го здогледа случајно, а потоа свесно го задржа погледот подолго од вообичаено, за да ја испрати пораката која што сакаше. Во следниот момент Ива, полна со самодоверба за исходот кој што следи, се доближи до Стефан, кој имаше нешто што се издвојуваше од останатите … став на стабилност и држење што покажува сигурност. Облеката му беше кежуал, но со прецизни детали кои укажуваа на неговиот префинет вкус.
Повеќето го препознаваа, заради бизнисот кој успешно го градеше години наназад, па некои застануваа, а други само оддалеку ќе го поздравеа. И во сета таа еуфорија, тој не ни забележа како таа веќе стои до него и со насмевка му се обрати, како да се познаваат од порано. За миг, тој го задржа погледот на неа, а потоа возвраќајќи ѝ со насмевка, мислеше дека е само еден обичен флерт, но за неа тоа беше планиран чекор напред. Со секој нареден збор, успеа да му го сврти целосно неговото внимание на себе и можеби неприметно, но играта почна да се одвива по нејзини правила.
Ова го правеше постојано со повозрасни мажи, заради тоа што кај нив наоѓаше она што ѝ требаше внимание, скапи подароци, сигурност, но и можност да добие многу повеќе.
За неа ова беше игра, со добро осмислена стратегија, каде што правилата ги наметнуваше таа. И ова се повторуваше одвреме-навреме … иста шема, исти чекори, но различни лица. „Влегуваше“ земаше колку што ѝ треба и „излегуваше“ пред да стане сериозно.

Но, всушност никој не ја знаеше нејзината вистинска приказна. Зад нејзината самодоверба и леснотија со која влегуваше во ваквите ситуации, се криеше нешто многу подлабоко. Дома работите веќе одамна не беа стабилни. Имено, татко ѝ се бореше долги години со алкохолот, а мајка ѝ ретко беше присутна, како дома, така и воопшто во нејзиниот живот, па Ива растеше сама, без грижа, без контрола и без вистински совети и насоки. А сега веќе, со наполнети 18, се чувствуваше зрела и слободна. И токму тоа што со години ѝ недостигаше, го бараше и го добиваше во ваквите ситуации.
Со Стефан, како и со многу други пред него, по извесно време, крајот дојде тивко и токму по тој крај, повторно исто сценарио.
Но една вечер Ива се најде во разговор со личност, што не личеше на никој што дотогаш ги имаше сретнатно. Разговорот почна едноставно, но за прв пат некој не беше импресиониран од нејзината игра, туку ја гледаше подлабоко, под површината.
Зборовите на Даниел како да ја „здрмаа“ одвнатре, особено затоа што не очекуваше да го слушне тоа што тој ѝ го кажа. Одзвонуваше во неа дека вреди многу повеќе од вниманието кое го добива на погрешни места, дека не мора да бара љубов таму каде што таа се заменува со корист, дека постои љубов која што е чиста, вистинска и безусловна, која што не се купува и таа љубов доаѓа од Бога. Ја покани да дојде на неделната Богослужба во Црквата Блага Вест. И за прв пат некој не ѝ понуди нешто што може да го искористи, туку нешто што може да ја промени.
Слушајќи го како зборува, во неа се појави мисла: „Што ако ова е вистинското?“ Но набрзо, ја оттргна таа мисла од себе и повторно се врати на своите стари обрасци на размислување и функционирање.
Помина извесно време, кога повторно сосема случајно го сретна Даниел. Но овој пат нешто во неа не беше исто. По краткиот разговор тој ѝ ја упати истата покана, без инсистирање, но овој пат таа одлучи да оди.
Иако сметаше дека тоа е нешто далечно за неа, сепак прифати и тоа неделно утро, Ива заедо со Даниел отидоа во Црквата Блага Вест. На почеток сè ѝ изгледаше непознато и токму тоа, од една страна ја плашеше, а од друга истовремено ја привлекуваше. Почна Службата и додека Пасторот ја споделуваше проповедта, на нејзиното лице цело време и се тркалаа солзи низ очите, кои колку и да се трудеше, не можеше да ги запре, ниту пак да ги сокрие. Чувствуваше нешто што не може да се објасни, нешто што не беше ниту страв, ниту бегање, туку ослободување. Како синџир распука сето она кое со години ја држеше врзана… лагите, празнината, игрите и улогите што ги играше и како слој по слој што беше наталожен на неа, сега се лупеше и паѓаше.
Пасторот ја поведе во молитва и таа збор по збор тивко повторуваше. И тоа беше клучен момент во нејзиниот живот, момент каде ја направи најважната одлука – Го прими Исус, за свој Бог и Спасител, а после тоа – сè беше поразлично. Почна редовно да доаѓа на Богослужби зашто чувствуваше жед за Словото кое се проповедаше, за зборовите кои ја градеа, за присуството кое ја исполнуваше. Паралелно присуствуваше и на Молитвените терапии кои редовно се одржуваат во Црквата Блага Вест, каде прими целосно исцеление и обнова и доживеа комплетна трансформација.
Она што светот не можеше да ѝ го даде, Ива го најде тогаш кога го предаде своето срце на Христос!
Вера М.

