Како што не можеш да го слушнеш ветерот од каде доаѓа и каде оди, така е и со овој човек кој дејствува моќно преку Светиот Дух таму каде што Бог го испраќа. Неговото име е Пламен Петров, Пастор од Бугарија, кој бил повикан од Бога да биде уникатен сад преку кого ќе се пројавува Божјата љубов и сила на посебен начин.
После неколку години во служба на Бога како Пастор, Пламен Петров добил силно откровение за улогата и важноста на Светиот Дух во животот на верникот и тоа е клучниот момент кога неговото служење за слава на Бога добива подлабока суштина. Имено, оттогаш започнал да дејствува во соработка со Светиот Дух, искусувајќи сила каква што дотогаш не бил свесен дека е на располагање за секој кој верува во Исус. Светиот Дух започнал многу моќно и силно да се манифестира низ службата на Пламен Петров на еден сосема уникатен начин што засекогаш го променува неговиот живот.
Ревносно и огнено, каква што е и симболиката на неговото име, овој човек храбро ја проповедал Радосната Вест за Христос, не само во Бугарија, туку и во Шпанија, Германија, Грција и во многу други земји во Европа. Но она што е најголем печат во неговото дејствување е службата за исцелување и ослободување во Името на Господ Исус Христос под називот „Служењето на Пламен Петров“ – („Plamen Petrov Ministry“). Се работи за динамична меѓународна христијанска мисија чиј фокус е евангелизација, поучувања од Светото Писмо, како и исцелување и ослободување од демони во Името на Господ Исус Христос.

Доказ за неговото исклучително служење се илјадници документирани сведоштва на луѓе ширум Европа кои доживеале чуда на исцелување, ослободување и пројавување на Божјата сила врз нив и листата на такви сведоштва е огромна: слепи прогледувале, глуви прослушувале, неми почнале да зборуваат и Бога да го прославуваат.
Пламен Петров редовно соработува со различни христијански заедници, како во Бугарија, така и во Европа, одржувајќи исцелителни служби, молитвени собири и проповеди од Светото Писмо.
Денес, заедно со неговата сопруга Марија патуваат низ различни земји и неуморно го извршуваат Божјото дело, поткрепено со натприродни исцелувања на луѓе од разни болести, секогаш оддавајќи му слава на Господ Исус Христос.
Покрај сето ова, Пламен Петров ги користи социјалните мрежи, особено неговиот YouTube канал (Plamen Petrov Ministry) и неговата Facebook страница, каде што секојдневно споделува молитви во живо и библиски поучувања кои се проследени од илјадници луѓе од целиот свет.
Автор е на неколку книги со христијанска содржина во кои главниот акцент е практичната примена на верата во Господ Исус Христос, а познат е по неговите пророчки насоки и поуки кои ги објавува на порталот „Пророчки Глас“.
Со сигурност можеме да кажеме дека се работи за Божји служител кој дозволува да биде воден од „ветерот“ на Светиот Дух, секогаш подготвен да истапи напред и смело да дејствува за Божја слава. Овој човек е пример за тоа дека без разлика на околностите треба да откликнеме на Божјиот повик и да одиме таму каде што Тој не’ испраќа за да ја шириме Радосната Вест за Христос.
Јулијана Спироска

