Говорот што родителите секојдневно го користат има огромно влијание врз развојот на детскиот ум. Зборовите кажани наутро, пред спиење и во секојдневните ситуации постепено го создаваат внатрешниот глас на детето – начинот на кој тоа ќе размислува за себе, ќе ја гради самодовербата и ќе се справува со емоциите во текот на животот.
Децата ги впиваат начинот на зборување, тонот и реакциите на своите родители.
Според психологијата, смирената комуникација, охрабрувањето и позитивните зборови создаваат здрави модели на размислување и позитивен внатрешен дијалог. Децата кои растат со поддршка и разбирање полесно развиваат емоционална стабилност, отпорност и сигурност во себе.
Од друга страна, постојаната критика, грубите зборови или непредвидливата комуникација можат да создадат несигурност, страв и анксиозност.
Психолозите објаснуваат дека негативните пораки што детето постојано ги слуша, се претвораат во негов внатрешен глас кој подоцна влијае на мислите, одлуките, односите со луѓето и емоционалното здравје.
Кога родителите зборуваат мудро, покажуваат смиреност и трпение, и даваат позитивни пораки и насоки, тие му помагаат на детето да изгради здрав поглед кон себе и светот. Децата кои растат со внимателна и топла комуникација најчесто развиваат поголема самодоверба, подобро се прилагодуваат на животните предизвици и имаат подобро ментално здравје.

Ова не е нешто ново, туку само потврда на она кое Бог уште одамна го зборува низ Светото Писмо – Библијата:
„Татковци, не ги дразнете своите деца, за да не станат малодушни!“ – Колосјаните 3:21
„Татковци, немојте да предизвикувате лутина кај вашите деца. Одгледувајте ги и воспитувајте ги во Господовото учење.“ – Ефесјаните 6:4
Во грчката литература, зборот „одгледува“ (ektrephete) подразбира нежна грижа, бидејќи истиот збор апостол Павле го користи и во Ефесјаните 5:29 за да опише како едно лице со љубов „го храни и негува“ своето тело. Тоа значи свесно да се негува топла средина каде што детето може физички, емоционално и духовно да напредува.
Зборот „воспитува“ (paideia), во античкиот грчки свет не значел само „казна“ или збир на правила, туку се однесувал на целиот доживотен процес на трансформирање на детето во зрел граѓанин. Тоа значи проактивна обука на детето за развој на неговите животни вештини, морал и карактер. Затоа, родителите треба да им поставуваат граници на децата и да им бидат авторитет кој ќе го почитуваат, но тоа да биде за нивно охрабрување и изградба, а не нешто кое ќе го скрши нивниот дух. Библиското воспитување е инвестиција во менталното, емоционалното и духовното здравје на децата.
Росана Христов

