… но никој не знаеше дека таа одамна ги имаше исплакано солзите.
Откако стапија во брак, навидум сè беше како што треба. Набрзо се роди Марко и Јасмина мислеше дека конечно го живее животот, кој од секогаш го сонувала. Но, со текот на времето, нешто почна да се менува. Чашката за опуштање, за Зоран стана секојдневие. Вечерните излегувања со пријателите му станаа навика и полека, полека, насмевките се претворија во караници.
Комшивката од втори, знаеше за кавгите и расправиите, зашто Јасмина ѝ споделуваше кога пиеја кафе, така што еден ден по долгото нејзино инсистирање, успеа да ја убеди Јасмина да оди кај бајачката, која живееше во трошната куќа на крајот од градот и која што ја биеше глас дека знаела да растура црни маѓии.
Сигурно некој ви има направено нешто… ѝ велеше… оди, ќе биде подобро.
Иако Јасмина беше против тие работи и во прво време одбиваше, но кога човек е скршен и живее несреќно и во страв, почнува секаде да бара излез. И така, по долгото инсистирање, прифати и отиде. Но, некако од тој ден, работите тргнаа уште полошо. Зоран почна се повеќе да пие, да станува агресивен без причина па мирот и хармонијата целосно ги снема од нивниот домот.
Марко, кој имаше веќе 8 години, почна да се буди ноќе во страшни кошмари и се плашеше да остане сам, а Јасмина од како тој ќе заспиеше, седеше сама во солзи, чекајќи го Зоран да се врати. Таа ноќ, тој не дојде, а утредента рано наутро, телефонскиот повик од полициската станица ѝ ја соопшти веста. Во алкохолизирана состојба, Зоран паднал и силно ја удрил главата, при што подлегнал на повредата.
Во тој момент, како времето да запре. Јасмина не знаеше што да чувствува, само ѝ одѕвонуваше мислата… заврши! Марко ја чувствуваше тежината што ја притискаше мајка му, иако таа се трудеше пред него да биде храбра.
Во училиште тој беше повлечено и тивко дете. Во одделението често седеше сам и за разлика од другите, единствениот кој не го исмеваше и одбегнуваше беше Стефан, поинаков од другите деца. Стефан живееше во соседната зграда и тој ден кога се враќаа заедно накај дома, му сподели на Марко дека заедно со неговото семејство одат во Црквата Блага Вест и ако сака и тој, може заедно со мајка му да дојде. Му раскажа за Исус и за тоа што учат во детската служба во Црквата, заедно со другите деца, но и за тоа, како еден ден копнее да биде Пастор. Марко го погледна збунето, не знаејќи што да одговори, а потоа му кажа дека ќе разговара со мајка му.
Во разговорот со Јасмина, таа беше изненадена и не очекуваше дека тој ќе покаже интерес за да оди. Таа дури и за прв пат, после толку долго време, во гласот на нејзиниот син, примети живост. Иако не знаеше дали тоа е вистинското, ниту пак што ја чека таму, знаеше едно – дека нејзиното дете, конечно пројавува желба за нешто!
Следната недела Јасмина заедно со Марко отидоа на Богослужба во Христијанската Црква Блага Вест. Беше некако стегната и очекуваше прашања, можеби и осуда, но наместо тоа беа пречекани од луѓе со насмевка. Децата веднаш го прифатија Марко и тој за прв пат не се чувствуваше отфрлено, а таа седна тивко во последниот ред, обидувајќи се да не покаже колку ѝ е тешко.
А потоа започна проповедта. Пасторот зборуваше за “изморени” луѓе, за луѓе кои што животот ги скршил, а товарот на плеќите им отежнал, но и за тоа дека Исус дојде да ги ослободи од секое бреме и да им даде мир. Секој збор, секоја реченица, дирекно ја допираше Јасмина и оставаше длабок печат во нејзиното срце.
Од тој ден за нив, сè беше поинаку. Почнаа редовно да доаѓаат во Црква, Марко веќе не беше истото повлечено дете, а Јасмина чувствуваше како Бог ја исцелува и обновува преку молитвите и Словото кое го слушаше на Богослужбите. Таа разбра дека некогаш на човек не му треба многу, туку само вистинско место каде што ќе биде прифатен и исполнет со љубов, како што таа го најде во ХЦ Блага Вест во РМ.
Вратите на Христијанската Црква Блага Вест во РМ се отворени за секој, кој сака да почне нов почеток во животот!
Вера М.

